Џафери повика и на координација додека трае паузата, изнесувајќи го и предлогот седницата за пратенички прашања да се одржи друг ден, утре или во понеделник.
– Ги повикам координаторите на дијалог. За се треба да има договор, но не преку фејсбук, туку преку координација. Еден час и 15 минути потрошивме на процедурално, истакна Џафери.
И Мицевски се согласи дека се се прави со договор, но доколку, како што рече, пратениците бидат навреме известени. Во денешниот случај, укажа, опозицијата била подготвена да ја праша власта каде завршиле парите од торбата „Луј Витон“, чии се парите од ташната на Ден Дончев и каде заврши софтверот на Рашковски.
– Но, не ни дадовте можност. Сега давате нов предлог, седницата за пратенички прашања да биде некој друг ден. Да, се случувало тоа, но со дијалог, разговор, со претходен договор и најава кога има други обврски. Два часа поминаа, кога ќе ја продолжиме седницата кога има полициски час? Свесни ли сте дека во салата има 58 пратеници или ова го правите за театар пред јавноста? Само продолжете вака, но немојте од утре да повикувате на координација, рече Мицевски.
Тој уште еднаш повтори дека е сакндал денешниот предлог на Џафери да не се одржи седницата за пратенички прашања и место неа да се почне со 36. седница.
Пред паузата Мицевски му предочи на Џафери дека прави преседан и дека сака да ја замолчи опозицијата.
– Да ми одговорите за циркузот што го правите во Собранието и да ми го цитирате членот врз основа на кој одлучивте да ја прекинете седницата за пратенички прашања. Зошто пред очите на јавноста се уште се занимавате со политиканство, а не го прифатите предлогот да се одржи 38. седница која би ја закажале по итна постапка денеска со четирите пакет мерки, да бидат изгласани и да го имате присуството на опозицијата? Предлогот беше, на паузата, по седницата, меѓу 14 и 15 часот, да ги изгласаме четирите закони, Но, сакате да ја замолчите опозицијата за скандалите кои се случуваат, рече Мицевски.
На тоа Џафери објасни дека 36. седница беше свикана на 9 март, а пратениците ги имале материјалите пред тоа.
– Сметајќи дека ќе ме разберете што зборувам, не сакам да го цитирам децидно Деловникот. 36. седница беше свикана на 9 март за да се одржи на 23 март. На 22 март, по коориднацијата, со решение ве известив дека се одложува на неопределно време одржувањето на таа седница. Според Деловникот, седницата за пратенички прашања се свикува секој последен четвтрок во месецот, Но, ги послушав вашите предлози изнесени на фејсбук и на прес-конференции, а ја земав и предвид намерата да ја префрлите одговорноста на мене дека немам слух. Собрани сме и затоа ви предложив, пред да отворам седница, наместо да ми праќате пораки по фејсбук и на прес-конференции. Процедурата е таа, вие одлулчувате, не јас. Свикана е седница, ми праќавте пораки, што да правам. Јас сум доблесен да ви ги испочитувам пораките. Затоа предложив во рок од еден час да не се отвори седницата за пратенички прашања, туку 36-тата седница до изгласување на дневниот ред. Врз основа на ваше барање пред половина час имавте прес-конференција. Како што барате од мене, така терам. Пленумот одлучи да не ја почнеме седницата за пратенички прашања, рече Џафери, објаснувајќи зошто го дал ваквиот предлог.
Откако пред паузата тој ова го образложи, предлогот за почеток на 36. седница го стави на гласање по што доби и поддршка од 53 пратеници. Против и воздржано не гласаше никој.
Поддршка за почнување на 36-тата пред седницата за пратенички прашања даде координаторот на СДСМ, Јован Митревски и повика и на разум.
– Одговорноста е на сите пратеници. Ако треба ќе се повлечеме и од поставување пратенички прашања. Како Собрание сме должни час поскоро да им излеземе во пресрет на граѓаните и компаниите поради пандемијата. Седницата да им се помогне на граѓаните и фирмите, не е криминална седница. Жал ми е што опозицијата три дена покажува наводна загриженост, за денеска да каже дека за нив пратениките прашања се поважни од тоа што е помош за граѓаните. Оваа наводна грижа на опозицијата ќе се потрвдеше ако не ја напуштевме седницата кога се носеше Буџетот за 2021, истакна Митревски.
За збор процедурално се јави и Скендер Реџепи, кој побара да се закаже седницата на чиј дневен ред е точката за државјанство зашто ова прашање, посочи, е ургентно и тангира 100.000 граѓани.
Мицевски двапати во текот на дискусијата побара еден час пауза. По првиот пат пратениците од опозицијата ја напуштија собраниската сала.