Џафери на денешниот брифинг со новинарите, информира дека до крајот на овој месец се очекува ребалансот на Буџетот да стигне во Собрание.
– Деновите кога ќе се разгледува ребалансот на Буџетот во Комисијата за финансирање и буџет, тие 10 дена Собранието нема да заседава, информира Џафери.
Во однос на тоа дали има најави за блокада од страна на опозицијата, Џафери посочи дека не може да се раководи од претпоставки. Засега, вели, нема таква најава, но не го исклучува тоа како можност.
Прашан кој е неговиот став околу изборот на моделот за изборни единици, тој рече дека една изборна единица е несоодветен модел за карактеристиките на нашето општество и држава. Идеален модел, според него, нема, но, моделот за шест изборни единици, како што вели, е најоптимален.
За Законот за бесправно изградени објекти, Џафери вели дека е должен во рок од 30 дена да го врати повторно на разгледување во Собранието.
– На 11 мај е изгласан, најдоцна на 11 јуни треба да се најде на седница. На 8 јуни ќе се најде на дневен ред, информира Џафери.
Тој најави дека наредната седница се очекува да се одржи во редовната сала, но за тоа, како што рече, треба да дадат препорака Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести.