Британскиот премиер Борис Џонсон денеска, во пресрет на неговата посета на Северна Ирска, изјави дека доколку ЕУ не се согласи со ревизијата на трговските правила кои стапија во сила по Брегзит, ќе биде „неопходно да се дејствува“.

Џонсон во авторски текст за Белфаст Телеграф напиша дека ЕУ не сака да признае дека договорот не функционира и дека британската влада сака промени, а не повлекување од договорот со ЕУ. „Се надевам дека позицијата на ЕУ ќе се промени. Ако не, ќе треба да се дејствува“, напиша Џонсон. Тој оцени дека трговските правила ја дестабилизираат чувствителната политичка рамнотежа на Северна Ирска и додаде дека британската влада „во следните денови на парламентот ќе претстави подетална проценка и следните чекори“.

На почетокот на овој месец, националистичката партија Шин Феин освои најмногу места на изборите во Северна Ирска. Ова е прва победа на партијата која се залага за обединување на Северна Ирска и Република Ирска.

Втората по големина Демократска унионистичка партија одбива да влезе во владата и да се организира седница на парламентот додека владата на Џонсон не ги поништи царинските и другите проверки и прописи кои стапија во сила по излегувањето на Велика Британија од ЕУ.

Според правилата на мировниот процес во Северна Ирска, не може да се формира влада без согласност и на националистичката и на унионистичката партија.

Северна Ирска е единствениот дел од Велика Британија што граничи со ЕУ. По Брегзит, границите на Северна Ирска останаа отворени и без посебна царинска контрола, бидејќи тоа е важен дел од мировниот процес со кој беше ставен крај на претходните конфликти во земјата. Се контролираат само одредени стоки, како месо и јајца, кои влегуваат во Северна Ирска од Велика Британија. На аранжманот се противат унионистите на Северна Ирска, кои тврдат дека тоа ја оптоварува економијата и ги нарушува врските со другите земји во Велика Британија.