Изборниот караван „Најдоброто за мојата општина“ предводен од СДСМ денеска е меѓу граѓаните на Чешиново-Облешево, Зрновци, Кочани и Арачиново, а Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во Македонски Брод, Сопиште, Аеродром и Гази Баба. ДУИ ќе ги продолжи изборните активности во Дебар, а „Левица“ во Богданци и Гевгелија. Изборните програми пред граѓаните ќе ги претстават и независните кандидати за градоначалници.
Митинзи и собири со граѓани се одржаа и вчера. Лидерите на партиите и кандидатите за градоначалници ветија европска иднина и решавање на локалните проблеми на граѓаните.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев во Радовиш најави од следната година поголема финансиска и институционална децентрализација на општините и повеќе пари во нивните буџети.
– Досега три отсто од персоналниот данок оди во општините, од идната година ќе биде шест отсто, двојно повеќе, дотациите од ДДВ од 4,5 отсто се зголемуваат на 6 отсто. Тоа се стотици милиони денари повеќе само за Радовиш. Милијарди денари ќе ослободиме кон општините, откажувајќи се од централниот Буџет, затоа што ни се важни општините. Притоа одиме и со институционална децентрализација. Надлежностите за шумските стопанства, за водостопанствата, здравствените домови, центрите за социјална грижа, домовите на култура, им припаѓаат на општините, порача Заев.
Осврнувајќи се на пописот кој е спроведен по повеќе од 20 години, Заев рече дека со оваа најголема статистичка операција во земјава, ќе има релевантни податоци врз основа на кои ќе се развиваат рамноправни регионални политики и ќе се инвестира и во градовите и во селата.
Тој во своето обраќање се осврна и на економските состојби, на растот на платите и пензиите и притоа истакна дека минималната плата до крајот на годината ќе изнесува 18.200 денари.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вчерашните митизи во Богданци и Гевгелија се осврна на проблемите со Бугарија, но не ја изостави и неприфатената оставка на министерот за здравство Венко Филипче.
– Заев ги создаде проблемите со Бугарија, а викаше дека ќе не внесе во ЕУ, само договорот да се потпише, рече Мицкоски.
Тој додаде дека власта пет години креира тензии во општеството преку амнестирање на криминалот заедно со коалицискиот партнер ДУИ.
– 52 месеци и речиси 5 години истите работи. Креира тензии во општеството преку амнестирање на криминалот и заедно со ДУИ се истото лице и опачина. Одговорете си самите има ли живот во Македонија? Донесе ли тој и СДСМ живот? Не, и тоа малку што остана го уништуваат, вели Мицкоски.
Според него, ќе дојде ден кога Филипче ќе одговара за 14-те жртви во тетовската модуларна болница.
Демократската унија за интеграција на предизборниот митинг во Желино каде ги претстави кандидатот за градоначалник и советничката листа ја презентираше зелената агенда и проектите планирани за овој крај.
– По Охридскиот договор, најважната и најприоритетна агенда е зелената агенда бидејќи ова е живот, затоа што ја обезбедува иднината, обезбедува просперитет, рече лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Изрази максимална поддршка за кандидатурата на Изаири, посочувајќи дека тој е еден од оние градоначалници кои реализирале најмногу проекти во Желино.
Кандидатот за градоначалник од коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Вулнет Мурсели вчера одржа митинзи во населбите „Цетинска“ и „Гам Гам“ во Тетово. Во своето обраќање, тој се осврна на потребата како иден градоначалник да работи повеќе на прашањето со паркинг местата.
– Сообраќајот во Тетово ќе се одвива поинаку, доколку се зголемат капацитетите за паркирање. Лошо е што досега ниту еден градоначалник не презел иницијатива за да го спаси градот од урбаниот хаос. Планираме изградба на четири катни паркинзи- на влезот во градот кај Веро, кај судот односно просторот на ДТВ Партизан, во близина на комплекс Базар и до стариот градски стадион, потенцираше Мурсели.
Кандидатите за градоначалници и носителите на листи за советници пред граѓаните ветуваат урбанизација, развој на локалната економија, подобрување на локална инфраструктура, намалување на социјалната исклученост, младинска вклученост, заштита на животната средина, искористување на компаративните предности на општината и промовирање на одржливиот локален развој.