Денеска се очекува презентација на извештаите
Европската комисија денеска ќе го претстави пакетот извештаи кој ја следи динамиката на напредокот на земјите кандидати за членство во Европската унија за 2025 година.
Попладнево, еврокомесарката за проширување Марта Кос ќе го изложи пакетот пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент.
По презентацијата ќе следи дебата за постигнувањата и предизвиците на земјите кандидати и потенцијалните кандидати на нивниот пат кон пристапување кон ЕУ. Известувачите на Комитетот ќе ги разгледаат извештаите и врз нив ќе подготват резолуции.
Пакетот ќе ја истакне посветеноста на ЕК на процесот на проширување и перспективата за „обединување на Европа“. Сепак, ќе бидат наведени и пропусти и слабости, а корупцијата останува сериозен предизвик кој бара приоритетно решавање.
Напредокот на Северна Македонија
Во извештајот за Македонија се нагласува значителен напредок во реформите. Македонските власти ќе продолжат со имплементација на патоказите за владеење на правото, реформата на јавната администрација и подобрување на демократските институции.
Се очекува напредок и во спроведувањето на Акцискиот план за заштита на малцинствата. Позитивен развој е формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Извештајот ќе оцени напредок во плурализмот, слободата на медиумите и изразувањето.
Македонија веќе е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит за забрзување на движењето на стоките.
Потребни подобрувања и препораки
Извештајот ќе укаже дека земјата треба да ги засили напорите за владеење на правото, особено заштитата на независноста и интегритетот на судството, и борбата против корупцијата.
Ќе се нагласи потребата за спроведување на склучените билатерални договори „со добра волја од сите страни“, вклучувајќи го Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство со Бугарија.
Исто така, ќе се нотира дека сè уште не се усвоени уставните амандмани за вклучување на граѓани кои не претставуваат мнозинство, како што се Бугарите, за што земјата има преземено обврска.
