Руските бомбардери Тупољев лансираа проектили врз Киев. Бомбите разурнаа повеќекатници во две станбени области во украинската престолнина. Во урнатините најмалку 13 лица се повредени, се трага по исчезнатите.
„По втората експлозија, ја покрив ќерката со рацете. Парче од шрапнел го погоди прозорецот. Децата побегнаа во засолништето, јас се чудев што да правам“, изјави Виктор, жител на Киев.
Украина повремено одговара на постојаната офанзива со дронови-убијци кои се лесна мета за руската противвоздушна одбрана. На Киев очајно му недостига артилериска муниција, но Белата куќа точно не може да каже кога ќе пристигнат 60-те милијарди долари американска помош. Во тајна посета на Украина и националниот советник за безбедност на Бајден.
„Не можам да предвидам, работиме на помошта да ја добијат што е можно побрзо. Во Конгресот, републиканците ја блокираат“, изјави Џејк Саливан, национален советник за безбедност на САД.
„Американците ја поддржуваат нашата борба. И секретарот за одбрана Остин рече дека САД и сојузниците нема никогаш да дозволат Русија да ја порази Украина и да постигне каков и да е успех“, изјави Андриј Јермак-шеф на кабинетот на претседателот на Украина.
На Украина и снемува муниција, предупреди и генералниот секретар на НАТО по средбата со словенечкиот премиер во Брисел. Столтенберг пред истекот на мандатот се обидува да ги анимира европските земји за зголемување на помошта.
„И покрај големите загуби, Путин не се откажува од воените цели. Состојбата на бојното поле е многу тешка. Украина останува без муниција. И треба веднаш поголема помош“, изјави Јенс Столтенберг-генерален секретар на НАТО.
„Но и за Западниот Балкан, Словенија е апсолутно и витално заинтересирана за да ја заштити безбедноста во регионот. Не само поради соседството, бидејќи сме мекиот стомак на Европа, така да речеме. Во последните години, нестабилноста се зголемува. Изразивме подготвеност да го зголемиме контингентот во КФОР“, изјави Роберт Голоб-премиер на Словенија.
На фронтот во Украина, во Харков загинаа петмина. Киев со ракети „вампир“ се обиде да го погоди Белгород. Неуспешно. Москва и се закани на Европа, ќе ги искористи сите правни механизми доколку со замрзнатите руски средства се финансира помошта за Украина.
Извор: МРТ