Официјален Техеран испрати јасна порака до Белата куќа дека е целосно подготвен за одбрана, но истовремено остава простор за мировни преговори. Иранските власти порачуваат дека на маса сè уште стои предлогот за примирје и деескалација на кризата на Блискиот Исток.

Шефот на иранската дипломатија Абас Арагчи во интервју за американската телевизиска мрежа Ен-би-си истакна дека земјата нема да потклекне пред надворешни притисоци. Тој нагласи дека државата има решителност да одговори на секоја воена закана од страна на Соединетите Американски Држави.

„Решително ќе се спротивставиме на секоја агресија, па и ако дојде до војна до судниот ден. Во исто време сме подготвени и за дипломатија“, вели Абас Арагчи.

Министерот за надворешни работи се осврна и на иранскиот предлог за воспоставување седумдневно примирје. Арагчи го оцени овој план како исклучително разумен чекор што сè уште нуди можност за постигнување договор.

„Мораме да кажеме дека не слушнавме како претседателот Трамп го одбива овој договор, но сè уште чекаме официјален одговор преку посредниците“, вели Абас Арагчи.

Според предложениот план, иранските власти би го отвориле стратешкиот Ормуски Теснец во рок од една недела и би се вратиле на нуклеарните преговори. За возврат, Вашингтон би требало да ја укине поморската блокада врз иранските пристаништа и да ги олесни економските санкции за извоз на нафта.

Условите на Техеран предвидуваат целосен прекин на огнот, додека американската администрација бара сериозни отстапки во однос на иранската нуклеарна програма. Претседателот на САД, Доналд Трамп, претходно јавно го отфрли ваквиот предлог, тврдејќи дека Техеран сака договор бидејќи губи на сите полиња.

Сепак, Трамп во изјава за медиумот „Аксиос“ посочи дека очекува продолжување на дијалогот меѓу двете страни во текот на оваа недела.

„Тие сакаат да постигнат договор, но тоа не е договорот што јас сакам да го направам. Тоа е нешто за што можевме да се согласиме пред една година“, вели Доналд Трамп.

Американскиот претседател истовремено не ја исклучи опцијата за обновување на воените операции врз иранските позиции, нагласувајќи дека постојано размислува за нови напади. Од своја страна, иранските претставници порачуваат дека и покрај ваквите изјави, остануваат посветени на изнаоѓање дипломатско решение.

Катар и други регионални посредници продолжуваат со интензивните напори за организирање нова рунда индиректни преговори во најкраток можен рок. Главна тема на разговорите останува пловидбата низ Ормускиот Теснец, американските блокади и иднината на нуклеарниот договор.