Шефот на француската дипломатија соопшти дека нивниот воен контингент во Саудиска Арабија ќе има строго дефанзивна намена. Главната цел на мисијата е обезбедување на поморските рути и заштита на стратешкиот извоз на сурова нафта низ Црвеното Море. Одлуката доаѓа по зачестените напади врз критичната инфраструктура во регионот.
Франција одлучи да испрати соодветна опрема за заштита на своите меѓународни партнери. Воениот ангажман ќе се фокусира на поддршка на стабилноста на трговските коридори.
Ние ставаме на располагање одбранбени ресурси. Од почетокот на војната во Иран, распоредивме воени средства за да ги заштитиме нашите сојузници и партнери. Дали некогаш сме биле сметани за воинствена страна? Никогаш, вели Жан-Ноел Баро.
Министерот подвлече дека целокупниот обем на распоредувањето директно ќе зависи од реалните потреби на саудиските партнери. Француските власти будно го следат развојот на безбедносната состојба на теренот.
Претходно и претседателот на државата потврди дека се испраќаат напредни одбранбени системи за заштита на пристаништето Јанбу по серијата закани од јеменските Хути.
Ќе испратиме воена опрема и персонал, имено војници, радари и одбранбени системи, за да го заштитиме овој терминал. Не со цел да се вклучиме во каков било конфликт, туку исклучиво за да ги заштитиме објектите, вели Емануел Макрон.
Пристанишниот комплекс во Јанбу претставува клучен јазол со големи рафинерии и складишта за нафта. Преку него поминува нафтоводот Исток-Запад, чиј капацитет достигнува до седум милиони барели нафта дневно.
