Нов силен топлотен бран од утре, 29 јули, ќе зафати поголем дел од Балканот, а температурите во одделни подрачја ќе надминат 40 Целзиусови степени во сенка. Според прогнозите на повеќе метеоролошки служби и регионални синоптичари, жешкото време би можело да се задржи најмалку до 10 август, објавуваат медиумите од регионот.
Температурите постепено ќе растат од ден на ден, а најтопло се очекува да биде кон крајот на оваа недела и во првите денови од август. Под влијание на силен антициклон над Медитеранот и југоисточна Европа, над регионот ќе се задржи многу топла воздушна маса.
Покрај екстремно топлите денови, метеоролозите предупредуваат и на тропски ноќи, во кои минималните температури нема да се спуштаат под 20 степени. Во урбаните средини ноќните температури би можеле да достигнат и околу 25 степени.
Според актуелните прогностички модели, значително освежување не се очекува ниту по првата декада од август. Дневните температури во поголем дел од Балканот ќе се движат околу 35 степени, додека ноќните ќе останат меѓу 20 и 25 степени.
Продолжениот период со високи дневни и ноќни температури ќе придонесе за зголемен топлотен стрес, особено кај постарите лица, хронично болните и малите деца.
