Подготовката за новиот филм за тајниот агент 007 е во тек, а ќе го режира Денис Вилнев, познат по режијата на филмовите „Пристигнување“, „Дина“ и „Блејд Ранер 2049“. Сепак, сè уште не е официјално потврдено кој глумец ќе ја преземе главната улога во претстојниот проект.
Во последните неколку месеци се зголемуваат шпекулациите за наследникот на Даниел Крег. Меѓу имињата што претходно се споменуваа во јавноста беа Калум Тарнер, театарскиот актер Том Френсис и Арон Тејлор-Џонсон, а медиумите во август објавија дека на потесниот список се наоѓале помеѓу пет и десет кандидати.
Холивудскиот новинар Џеф Снајдер објави дека студиото Amazon MGM го завршило прегледувањето на кандидатите и дека Џејкоб Елорди и Џек Лоуден биле меѓу актерите што влегле во најтесниот избор.
„Слушнав дека Amazon MGM ја заврши аудицијата за Џејмс Бонд. Иако не можев да дознаам многу детали, знам дека Џејкоб Елорди и Џек Лоуден беа меѓу кандидатите. Очекувам студиото и режисерот Денис Вилнев, кој сака да работи со млади филмски ѕвезди, да го изберат Елорди, како што се шпекулираше на интернет уште од самиот почеток. Останете со нас бидејќи би можеле да добиеме вести за новиот агент 007 многу, многу наскоро“, напиша Снајдер.
Од друга страна, сценаристот и телевизиски продуцент Ричард Осман уште во август откри дека Џек Лоуден исто така сериозно се разгледува за култната улога, истакнувајќи во подкастот The Rest Is Entertainment дека шкотскиот актер претставува одличен избор.
„Името што го слушнав е Џек Лоуден. Сè уште ништо не е одлучено, но тој дефинитивно е меѓу најсериозните кандидати. Мислам дека би бил фантастичен“, изјави Осман.
Шкотскиот актер Лоуден веќе има искуство со шпионски улоги преку ликот на агент во британската служба MI5 во серијата „Slow Horses“, додека Џејкоб Елорди стекна најголема популарност кај публиката со својот ангажман во серијата „Euphoria“ на продукцијата HBO.
Продуцентката на новото филмско остварување, Ејми Паскал, претходно навести дека официјалното име на актерот би можело да биде претставено пред јавноста до крајот на годината.
„Би рекла дека крајот на годината е реален рок. На изборот му пристапуваме многу, многу темелно. Работев со Барбара Броколи и знам колку ќе биде тешко да се најде наследникот на Даниел Крег. Ни треба нешто сосема поинакво, нешто возбудливо и свежо“, посочи Паскал.
Од студиото Amazon MGM засега одбиваат да откриваат конкретни детали околу кастингот.
„Иако немаме намера да коментираме за спецификите за време на кастингот, со нетрпение очекуваме да споделиме нови информации со фановите на Џејмс Бонд кога ќе дојде вистинското време“, соопштија од студиото.
