Масовно труење во фабрика во Прилеп
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) регистрирал епидемија на алиментарна токсоинфекција предизвикана од бактеријата Salmonella enteritidis во текот на јуни 2025 година. Центарот за јавно здравје Прилеп потврдил 38 заболени лица, кои консумирале иста храна во фабричка трпезарија во градот.
Од нив, тројца завршиле во болница, додека микробиолошките анализи потврдиле присуство на салмонела кај две лица од вкупно пет земени примероци.
Фабричката кујна под истрага – објектот затворен
Во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Центарот за јавно здравје Прилеп спровел санитарно-хигиенска контрола во кујната и трпезарискиот дел од фабриката. При контролата биле земени мостри од:
Жива средина (вработени)
Нежива средина (опрема и површини)
ЦЈЗ Прилеп веднаш предложил санитарно-хигиенски и противепидемиски мерки, кои вклучуваат:
Редовно и темелно чистење
Безбедна манипулација со храна
Правилно складирање и чување на храната
Како мерка на претпазливост, објектот за подготовка на храна бил затворен сè додека не се добијат негативни резултати од микробиолошките испитувања.
Епидемијата одјавена на 11 јуни
По спроведување на сите епидемиолошки и санитарни мерки, епидемијата е официјално одјавена на 11 јуни. Состојбата била ставена под контрола и не се пријавени нови случаи поврзани со истиот извор.
Дополнително, ИЈЗ информира и за еден случај на салмонелоза кај државјанин на Србија, кој привремено престојувал во земјава.
Извор: Прес24