Епидемиолошката состојба во Гостивар е стабилизирана и останува под постојан надзор, соопшти Министерството за здравство. На 31 јули биле евидентирани 60 први прегледи, значително помалку од 18 јули, кога во еден ден биле регистрирани 649 прегледи.
Иако има мали дневни разлики, податоците покажуваат постојан пад на бројот на заболени. Во периодот од 14 до 31 јули биле извршени вкупно 4.543 први прегледи.
До здравствените служби досега пристигнале 1.028 официјални пријави за заразна болест, а епидемиолозите изработиле 730 нови анкети, со што биле опфатени 71 процент од заболените.
Од Институтот за јавно здравје информирале дека нема нови лабораториски потврдени случаи на западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани тројца пациенти со сомнение за заболувањето, а нивните лабораториски резултати сè уште се очекуваат.
