Се надевам дека ќе присуствувам на првата седница на советот што ќе се одржи во Скопје. Ова го истакна претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски по потпишувањето на декларацијата.

Потпишувањето на политичката декларација за основање на совет за соработка помеѓу Турција и Македонија е значаен чекор. На овој начин на уште повисоко ниво се подигнуваат односите меѓу двете земји во трговијата и економијата.

Македонија и Турција со зајакнато партнерство: Мицкоски и Ердоган потпишаа политичка декларација

Ердоган изрази задоволство што е домаќин на премиерот Мицкоски и неговата делегација во Истанбул. Тој истакна дека целта на документот е трговската размена која минатата година достигна околу една милијарда евра, да биде во ист сооднос меѓу двете земји.

-Минатата годна ние имавме околу една милијарда долари трговска размена и мислам дека во првата прилика мораме да ја донесеме двострано. Помеѓу двете земји постои Спогодба за слободна трговија која треба повторно да се ревидира. Денеска посебно се осврнавме и на односите кои што ги имаме во воената област и во сферата на одбранбената индустрија. Турција е една од првите земји која што ја призна независноста на Македонија. Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје, рече Ердоган.

Тој ја потенцира и важноста на турската заедница во Македонија за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.

-Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој. Најзначајното нешто што ги врзува двете земји се Турците коишто живеат и нивната заедница во Македонија. Тие порано од Анадолија мигрирале и дошле во СМ на таа географија и формирале свои културни темели коишто не врзуваат, рече Ердоган.

Како што наведе, му напоменал на премиерот во нивните разговори дека „ова наше пријателство е под притисок на ФЕТО и ние мораме да се бориме заеднички против нив“.

Двајцата се осврнале и размениле мислења за регионалните и глобалните геостратешки прашања како што е конфликтот во Украина и во Газа.

За Турција, како што рече Ердоган, клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина нагласи дека двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави

Извор: МИА