Шведскиот производител на телекомуникациска опрема Ериксон ќе плати казна од 206 милиони долари поради непочитување на договорот со американското државно обвинителство за објавување информации за активностите во Ирак, Кина и Џибути.
Ериксон постигна спогодба со американското Министерство за правда и се изјасни за виновен за можни плаќања на терористичката група Исламска држава преку деловни активности во Ирак.
Во соопштението на Министерството за правда се вели дека компанијата коректно не известила за своите активности по склучувањето на Договорот за одложено гонење (ДПА) во 2019 година за да добие запирање на истрагите за долгогодишна наводна корупција во Кина, Виетнам и Џибути.
Според ДПА, министерството се согласило да го одложи гонењето за три години доколку компанијата плати висока казна, воспостави „ригорозни механизми за внатрешна контрола“, ги почитува американските закони и целосно соработува во сите истраги.
„Ериксон ја прекрши ДПА со прекршување на одредбите за соработка и обелоденување“, се вели во соопштението на американското Министерство за правда.
Во средината на јануари, Ериксон објави дека резервирал 2,3 милијарди шведски круни (220 милиони долари) за очекувана казна во САД за прекршување на спогодбата од 2019 година.
Компанијата веќе плати повеќе од 520 милиони долари казни и се согласи на тригодишен регулаторен надзор, соопшти Министерството за правда, алудирајќи на спогодбата во 2019 година.
Ериксон сега доби пробен период до јуни 2024 година и независен надзор во период од 12 месеци, се додава во соопштението на Министерството.
– Одлуката е силен потсетник на историскиот неуспех што доведе до договорот за одложено гонење. Извлековме поука од тоа и сега сме на важен пат да ја промениме нашата култура, изјави извршниот директор на Ериксон, Борје Екхолм.
Ериксон минатата година објави дека внатрешната истрага во 2019 година открила плаќања со цел да се заобиколат ирачките царини во период кога некои рути биле контролирани од милитантни организации, вклучително и Исламската држава.
Меѓутоа, внатрешната истрага не покажа дека компанијата извршила или е одговорна за какви било плаќања на некоја терористичка организација, рече Ериксон.
Тие нагласија дека ја продолжуваат истрагата „во целосна соработка со американското Министерство за правда и Комисијата за хартии од вредност и берзи (SEC)“.