За вработените во текстилната индустрија наесен доаѓаат тешки денови, а први на удар ќе бидат работниците на кои им истекуваат договорите на определено време – предупредува претседателот на Асоцијацијата на работодавачи, Ангел Димитров.
Според Димитров, за да се спасат работните места, Владата треба да го намали финансискиот товар врз работодавачите со ослободување од даноци и придонеси.
Покрај текстилните работници, загрозени работни места ќе има и во прехранбената индустрија, но и во туристичкиот сектор – оценува првиот човек на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков.
Според него, за да се зачуваат работните места, компаниите ќе треба да изнајдат нови начини како да ги пласираат своите производи на пазарот
Од почетокот на ковид-кризата во Македонија до февруари годинава без работа останале околу 18.000 лица. Бројот на активни баратели на работа е двојно зголемен, а вкупниот број на невработени лица кои активно бараат работа до февруари достигнал 160.000 лица – стои во статистиките на Агенцијата на вработување.