Соработката со Турција во транспортот и поврзаноста е од исклучителна важност за Европската Унија, а меѓусебната трговска размена би можела да надмине 400 милијарди евра, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос. Истовремено, таа изрази сериозна загриженост за демократските стандарди, слободата на медиумите и основните права во земјата.

Кос зборуваше на прес-конференција во Одрин, каде што денеска присуствуваше на отворањето на делницата Черкезкој – Капикуле од брзата железничка линија што треба да го поврзе Истанбул со бугарската граница, објави одринскиот весник „Бати Експрес“. Таа рече дека треба да се модернизира Царинската унија, да се зајакнат транспортните врски и да се унапреди безбедносната соработка.

Во обраќањето, еврокомесарката го истакна стратешкото значење на Турција за Европа.

„Потенцијалот за економски односи меѓу Турција и Европската Унија е многу поголем од она што во моментов се очекува. Обемот на трговската размена меѓу двете страни минатата година достигна 218 милијарди евра, а таа бројка би можела значително да се зголеми доколку се создадат соодветни услови. Нашата трговска размена со Турција би можела да надмине 400 милијарди евра. За да го постигнеме тоа, треба да ги унапредиме постојните економски односи, да ги отстраниме пречките во трговијата и подобро да го искористиме потенцијалот на двете страни“, изјави Кос.

Таа нагласи дека економските односи не треба да се оценуваат само според актуелните податоци за трговската размена. Кос ја истакна и важноста на усогласувањето на законодавството, меѓусебната доверба и соработката во различни области.

Модернизацијата на Царинската унија, според неа, е едно од клучните прашања за развојот на економските односи меѓу Турција и ЕУ. За да продолжи процесот, потребно е усогласување на техничкото законодавство и согласност од сите 27 земји членки на Унијата.

Кос истовремено посочи дека загриженоста за демократските стандарди, слободата на медиумите и основните права во Турција останува високо на агендата на односите меѓу Анкара и Брисел.

„Последните случувања поврзани со слободата на медиумите и правата на ЛГБТК+ заедницата се разгледуваат во овој контекст. Сериозните загрижености во овие области ќе ги изложиме во нашиот извештај за проширувањето, кој ќе биде објавен на 28 октомври. Нема да се двоумиме јавно и отворено да ги соопштиме фактите“, рече Кос.

Еврокомесарката ја нагласи и важноста на развојот на трговските патишта меѓу Европа и Азија, при што Средниот коридор има значајна улога во поврзувањето на двата континента.

Железничката линија Халкали – Капикуле, која води до границата со Бугарија, е клучен дел од Средниот коридор, познат и како Транскасписки меѓународен транспортен коридор. Таа обезбедува брза железничка врска со голем транспортен капацитет меѓу Азија и европската железничка мрежа.

Кос додаде дека ЕУ настојува да мобилизира до 12 милијарди евра од јавни и приватни извори во рамките на иницијативата „Глобален портал“ (Global Gateway). Меѓу главните цели на иницијативата се зајакнувањето на транспортот, инфраструктурата и економските врски.

Во изминатите 20 години ЕУ обезбедила повеќе од една милијарда евра за инфраструктурни проекти во Турција. Инвестициите во инфраструктурата и транспортот не создаваат само физички врски, туку придонесуваат и за развој на економските односи и долгорочната соработка меѓу земјите, додаде Кос.

Еврокомесарката за проширување се сретнала и со турскиот министер за транспорт и инфраструктура, Абдулкадир Уралоглу.