Средствата се наменети за подобрување на капацитетите на молдавските вооружени сили

Европската Унија одобри финансиска помош од 120 милиони евра за зајакнување на системот за воздушна одбрана на Молдавија.

Одлуката ја усвои Советот на ЕУ, а средствата ќе бидат обезбедени преку Европскиот мировен фонд. Тие се наменети за поддршка на вооружените сили на Молдавија и подобрување на нивните одбранбени капацитети.

„Советот на ЕУ денеска усвои мерка за помош од 120 милиони евра во рамките на Европскиот мировен фонд за поддршка на вооружените сили на Република Молдавија за подобрување на капацитетите за воздушна одбрана на земјата“, се наведува во соопштението на Советот на ЕУ.

Тензиите со Русија се зголемија по почетокот на војната во Украина

Односите меѓу Молдавија и Русија се влошија по почетокот на руската инвазија врз Украина. Во ноември минатата година, молдавските власти соопштија дека руски беспилотни летала навлегле во воздушниот простор на земјата.

Молдавија се наоѓа меѓу Украина и Романија и има статус на земја-кандидат за членство во Европската Унија.

Во земјата мнозинството од населението зборува романски јазик, додека значаен дел од жителите зборуваат руски. Политичката сцена со години е поделена меѓу партии кои поддржуваат поблиски односи со Европа и оние кои се залагаат за посилни врски со Москва.