По неколкумесечни преговори на западните сојузници, земјите-членки на ЕУ постигнаа договор за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел. Кон ваквото ограничување се приклучија и земјите од Г-7, како и Австралија. САД сметаат дека новото ограничување на цената на руската нафта веднаш ќе го намали најважниот извор на приходи на Путин што ги користи за војната во Украина, пренесува Би-би-си.
Американскиот министер за финансии Џенет Јелен рече дека ограничувањето, кое беше официјално одобрено од западните сојузници во петокот, доаѓа по неколку месеци напорна работа.
Ограничувањето ги спречува земјите да плаќаат повеќе од 60 долари за барел за извоз на руска сурова нафта преку море. Оваа казнена мерка кон Русија треба да стапи на сила најрано на 5 декември.
Земјите со низок и среден приход кои беа силно погодени од високите цени на енергијата и храната особено ќе имаат корист од ограничувањето, рече американската министерка Јелен.