По најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека е уверен оти е постигнат добар компромисен договор за Бугарија и Македонија, од Советот во ЕУ ги поздравија неговите напори, јави дописничката на МИА од Брисел.
Како што објаснуваат високи дипломатски извори за новинарите во Брисел попладнево на маса е сега ставен „финален компромис кој одговара на преокупациите што ги изразија Бугарија и Македонија“.
Ако предлогот биде прифатен ова ќе овозможи исчекор за кој ЕУ работи веќе две години, изјави висок дипломатски извор за новинарите во Брисел.
Тој рече дека ЕУ го поздравува ангажманот на француското претседателство да се постигне заеднички прифатливо решение за отворањето на преговорите со Македонија.
Доколку двете страни го прифатат предлогот веднаш ќе може да се усвои преговарачката рамка од страна на Советот на ЕУ за Македонија, но и за Албанија, по што ќе може и да се свикаат првите меѓувладини конференции.
Од ЕУ потсетуваат дека ставот на претседателот на Европскиот Совет, Шарл Мишел, е дека иднината на Западниот Балкан е во ЕУ.
Овој предлог е резултат на активен ангажман за изнаоѓање на заеднички прифатливо решение и одговарање на преокупациите на двете страни, велат дипломатите.