Денес стоиме пред сосема нови предизвици, во сосема нова Европска Унија, која минува низ тешко време и нема одговори на предизвиците што се пред неа. И не само што ги нема, туку решенијата што се нудат се лоши, оцени претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, на заедничката прес-конференција со Гордана Сиљановска-Давкова и Наташа Пирц-Мусар во Охрид.

„ЕУ, во која навистина би сакал да ги видам сите држави присутни овде и во која ја гледам Хрватска, не е никаков претенциозен геополитички сојуз, бидејќи тоа не може да биде, за тоа нема потенцијал, ниту некаков воен сојуз. Тоа е трговска, царинска и просторна унија со бројни ограничувања, која може одлично да функционира како што видовме во годините зад нас, но за жал не и во последните години“, рече Милановиќ.

Како што оцени Милановиќ, Европската Унија не може спонтано и без надзор да се претвора во дисфункционално царство на доминација на некои. Во тоа, напомена, Хрватска, што се однесува лично до него, нема да учествува и нема да се согласи со таква насока.

„Не сум сигурен дека мојот став го делат сите во Хрватска, но, еве, го имам. Затоа и следната година со задоволство ќе го споделам друштвото и времето со овие луѓе. Би требало тоа да биде истиот состав за една година. И нека биде вака како што беше денеска во Охрид“, истакна хрватскиот претседател.

Тој оцени дека денешниот состанок во рамки на Процесот Брдо-Бриони досега бил најконструктивен и најпријатен состанок на лидерите.

„Можеби зборот конструктивен е малку претеран, бидејќи не донесовме никакви одлуки, но секако атмосферата, уважувањето на соговорникот, разумниот пристап кон некои прашања што можеби нè делат или немаме ист став за нив, тоа е голем напредок. И јас денеска, оттука од Охрид, пред сè го носам тој впечаток. Тоа е најважно за мене. Луѓето со кои денес овде разговарав се луѓе што во поголем дел ги познавам, а некои ги запознав денеска. И мислам дека пред нас би можеле да бидат пријатни денови, иако состаноците се само еднаш годишно“, потенцира Милановиќ.

Според него, овој формат бил организиран пред 15 или 16 години за помош на Хрватска, Словенија и останатите држави од регионот на патот кон ЕУ.

„Во меѓувреме, сето тоа толку драматично се промени, така што денеска стоиме пред сосема нови предизвици, во сосема нова Европска Унија“, напомена Милановиќ.

Прес-конференцијата се одржа по работниот состанок на кој учествуваа домаќинот Сиљановска-Давкова, Милановиќ, Пирц-Мусар, како и лидерите Јаков Милатовиќ, Бајрам Бегај, Јустина Широка-Пула, Александар Чупиќ, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ.

Во фокусот на самитот во Охрид беа јакнењето на регионалната соработка, забрзувањето на евроинтеграциите на Западен Балкан и интензивирањето на политичкиот дијалог, при што беше потпишана и заедничка декларација.