Можно проширување на санкцискиот режим

По ескалацијата на насилството врз демонстрантите во Иран, Европската унија разгледува дополнителни чекори кои вклучуваат воведување нови построги санкции и можност Иранската револуционерна гарда да биде ставена на листата на терористички организации. Ова денеска го соопшти портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика, Ануар ел Ануни.

– Европската Унија има правна рамка насочена кон санкционирање на сторителите на низа прекршувања и злоупотреби на човековите права, врз основа на која во изминативе години се преземени мерки против одреден број субјекти и поединци во Иран, рече Ел Ануни.

Тој потсети дека Иранската револуционерна гарда веќе е целосно опфатена со режимот на санкции поврзани со забраната за ширење оружје за масовно уништување. Нејзини поединечни претставници се под санкции и поради кршење на човековите права, поврзаност со нуклеарната и балистичката ракетна програма на Иран, како и поради поддршка на руската агресија врз Украина.

– Сега се разгледува можноста за вклучување на Иранската револуционерна гарда на листата на терористички организации, позната и како терористичка листа на ЕУ. Тоа се дискутира во заднина меѓу државите членки според доверливи правила, како и што е утврдено и не можеме да се навлегуваме во детали во тој поглед. Но, според општите правила во однос на санкциите и режимот на санкциите на ЕУ, тие би требало да се донесат со одлука на земјите членки со консензус, додаде Ел Ануни.

„Критички ангажиран“ пристап и дипломатски канали

Говорејќи за политиката на Европската унија кон Иран, Ел Ануни нагласи дека таа се темели на принципот на „критички ангажиран“ однос.

– Тоа значи дека сме критични каде што е потребно и подготвени да се ангажираме кога нашите интереси се усогласуваат, истакна тој.

Запрашан дали Европската унија би поддржала евентуална воена интервенција на САД во Иран, по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп, Ел Ануни изјави дека не коментира хипотетички сценарија.

Во однос на можната поддршка за Реза Пахлави, Ел Ануни нагласи дека иранскиот народ сам треба да одлучи кој ќе го претставува.

Солидарност со иранските граѓани

Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо, изјави дека не може да потврди дали постоеле контакти со иранската опозиција во егзил, но нагласи дека Европската унија со години дава приоритет на дипломатскиот ангажман.

– Преку дипломатија сме ангажирани со Иран со години и затоа даваме приоритет на дипломатскиот ангажман. Тука е и нашиот повик до раководството на Иран да ги слуша своите луѓе на протестите кои повикуваат на промени, рече Пињо.

Таа додаде дека Европската комисија изразува солидарност со иранските граѓани кои протестираат за слобода.

– Тие ја имаат целата наша поддршка и нашата солидарност затоа што ги ставаат своите животи во опасност. Апсолутно е неприфатливо луѓе кои мирно демонстрираат за својата слобода да бидат апсени и убивани, рече Пињо.

Ел Ануни најави дека состојбата во Иран ќе биде тема на Советот за надворешни работи на ЕУ на 29 јануари. До тогаш, Европската унија ќе остане во контакт со иранските власти преку претставништвото на Кипар во Техеран, имајќи предвид дека ЕУ нема своја делегација во иранската престолнина.