Новиот пакет ќе биде најголемиот досега за индивидуални санкции од почетокот на војната во Украина

Европската Унија ќе додаде уште 250 лица и субјекти поврзани со Русија на списокот со санкции, најави високата претставничка за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.

Калас пред состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел соопшти дека одлуката ќе биде донесена во рамките на 21-от пакет санкции. Таа оцени дека станува збор за најголемата рунда индивидуални санкции откако Русија ја започна инвазијата врз Украина во 2022 година.

„Ова е нашата најголема рунда индивидуални санкции од руската инвазија во 2022 година и го вклучува најголемиот пакет кибер санкции на ЕУ досега“, напиша Калас на мрежата Икс.

Според неа, главната цел на новите мерки е финансискиот столб на руските воени капацитети.

На списокот и руски хакери и разузнавачки структури

Европската Унија воведе санкции и против руски воени разузнавачи, хакери и приватни компании поради, како што наведуваат европските власти, долгогодишни кампањи за кибер шпионажа.

Мерките опфаќаат девет лица и четири субјекти кои ЕУ ги поврзува со онлајн шпионска мрежа обвинета за саботирање критична инфраструктура, вклучително и топлификациски системи и електрани од 2010 година.

ЕУ посебно го санкционираше 16-от центар на Руската Федерална служба за безбедност, за кој се наведува дека следи групи поврзани со кибер закани и спроведува злонамерни активности.

Европскиот совет оцени дека ваквите активности придонеле за обиди за дестабилизација на ЕУ, нејзините земји-членки и меѓународните партнери.

Имињата на новите санкционирани лица и субјекти, кои можат да бидат компании, владини агенции, банки или други организации, засега не се објавени.

Францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро изјави дека Франција ќе го повика рускиот амбасадор во наредните денови за да даде објаснување.

Тој посочи дека целта на кибер активностите била собирање информации или саботажа, а како пример ја наведе железничката инфраструктура во Полска.

Неколку европски држави претходно ја обвинија Русија за кибер напади и пропагандни активности со цел мешање во изборни процеси.

Шведска неодамна соопшти дека проруска група со врски со руските безбедносни и разузнавачки служби стои зад кибер нападот врз топланата во земјата минатата година.

Предупредувања за напади врз критична инфраструктура упатија и Полска, Норвешка, Данска и Латвија.