Шефот на Мисијата на ЕУЛЕКС Ларс-Гунар Вигемарк објави дека оваа мисија позитивно одговорила на барањето на косовската полиција за снабдување со храна и облека на полицајците од косовската полиција на граничниот премин Јариња. Претходно, косовската полиција соопшти дека благодарение на соработката со мисијата КФОР, девет нејзини припадници биле превезени од граничните премини на северот на земјата кон југот на Косово. Припадниците на косовската полиција на преминот Јариње и на Полициската станица во Лепосавиќ веќе 11 дена се блокирани од барикадите поставени во селото Рударе. Локалните Срби на северот на Косово веќе втора недела ги блокираат патиштата кои водат кон премините Јариње и Брњак.

Барикадите беа поставени откако косовските власти го уапсија Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција од српска националност од северно Косово, под сомнение дека е вмешан во напад врз претставници на Централната изборна комисија. Косовските власти се обидоа да организираат локални избори на северот на Косово како одговор на одлуката на претставниците на тамошните Срби да ги напуштат косовските институции. По предлог на ЕУ и САД, изборите беа одложени за пролет следната година. Локалните Срби ги напуштија институциите на Косово поради одлуката на Владата во Приштина за пререгистрација на автомобилските таблички издадени од Србија.