Предводени од двојниот стрелец Патрик Шик, кој постигна спектакуларен гол од половина терен, фудбалерите на Чешка триумфираа попладнево над Шкотска со 2:0 (1:0) во возбудлив натпревар во Глазгов, во рамки на групата Д на ЕУРО2020.

Напаѓачот на Баер Леверкузен ги доведе Чесите во водство во 42 минута, а по седум минути игра во вториот дел по втор пат ги доведе во очај шкотските навивачи на „Хемпден Парк“ совладувајќи го голманот Дејвид Маршал со сензационален лоб-удар со левата нога од речиси 50 метри.

Претходно во групата Д, Англија вчера минимално со 1:0 ја совлада Хрватска на „Вембли“ во Лондон.

Лидерот во групата Чешка во второто коло, на 18 јуни, игра против Хрватска во Глазгов, додека Англија на „Вембли“ ја пречекува Шкотска.