Европол соопшти дека во координирана меѓународна акција се уапсени 12 осомничени членови на балкански нарко-картел, меѓу кои и неговиот водач, кој е приведен во Црна Гора.

Операцијата била спроведена со поддршка на европската агенција за борба против организиран криминал, во соработка со безбедносните служби на Црна Гора и Германија, а учествувале и власти од Австрија и Шпанија.

Според соопштението, четири лица се уапсени во Германија, додека меѓу приведените има и лице означено како „висока цел“, односно клучен организатор на криминалната мрежа.

Истрагата била насочена кон група вклучена во меѓународна трговија со дрога во големи количини. Осомничените, кои живееле во Црна Гора и Германија, имале различни улоги – од финансирање до координација и логистика на шверцот.

Судските власти во Црна Гора веќе поднеле обвиненија против дел од осомничените за шверц на 2,7 тони кокаин и 1,5 тони канабис во периодот од октомври 2024 до април 2026 година.

Дрогата била запленета во 12 одделни операции во повеќе земји од Европската Унија и Јужна Америка, а мрежата користела поморски и воздушни канали, вклучително и транспорт преку контејнери и други прикриени методи.

Покрај тоа, постојат сомневања дека групата организирала шверц на канабис во ЕУ преку земји како Албанија, Тајланд и САД.