Европската централна банка (ЕЦБ) денеска уште еднаш ја зголеми референтната каматна стапка, како мерка за спречување на инфлацијата.

Управниот совет на ЕЦБ реши да ги зголеми референтните каматни стапки за 0,75 отсто.

ЕЦБ и минатиот месец ја подигна референтната каматна стапка и се чини дека го следи темпото на Американската централна банка која се бори со растот на потрошувачките цени и низата брзи поскапувања.

„Инфлацијата е сè уште превисока и долго време ќе остане над посакуваната цел“, се посочува во соопштението на ЕЦБ.

Европската банка за само три месеци ги зголеми ка матните стапки во 19-члената еврозона за цели два процентни поени.

Централните банки ширум светот забрзано ги зголемуваат каматните стапки што ја одредуваат цената на заемите за бизнисите и граѓаните.

Целта е да се запре инфлацијата предизвикана од високите цени на енергијата поради војната во Украина и потешкотиите во снабдувањето, предизвикано од наглото зголемување на побарувачката за стоки и услуги по ублажувањето и укинувањето на мерките за справување со коронавирусот.