Гаранцијата за млади претставува заложба за поддршка на сите млади до 30 години, кои не се вработени, во образование или обука (т.н „NEETs“ или НВОО).
Оваа заложба, како што соопштија од МОТ, им овозможува на младите право да добијат квалитетна понуда за вработување, обука, практикантство или континуирано образование во рок од четири месеци откако ќе го напуштат образованието или ќе останат без работа. Поддршката на ЕК/МОТ вклучува адаптирање на гаранцијата за млади во земјите од Западен Балкан, преку политики, поддршка во програмирањето и следењето, напредна обука и меѓусебно учење од колегите во земјите од Западен Балкан и ЕУ.
Овој инструмент за техничка поддршка (ИТП) на ЕК/МОТ произлезе од втората министерска средба ЕУ-Западен Балкан за вработување и социјални прашања која се одржа на 8 јули, и на која министрите и претставниците одговорни за вработување ја усвоија следната Декларација за обезбедување одржлива интеграција на младите на пазарот на трудот. Декларацијата го препознава диспропорционалното негативно влијание од пандемијата на Ковид-19 врз положбата на младите на пазарот на трудот и утврдува заложба за постепено спроведување на гаранциите за млади во регионот. Декларацијата е инспирирана од Препораката на Советот на ЕУ од 30 октомври 2020 година за „Мост кон вработување – Зајакнување на гаранцијата за млади.
Младите го носат товарот на сериозните економски последици од пандемијата на КОВИД-19. На глобално ниво, вработеноста на младите се намали за 8.7 отсто во 2020 година, во споредба со 3.7 отсто кај возрасните. Анализата на бројот млади луѓе што не се вработени, во образование или обука (NEET) дава слика за целокупната ранливост на младите лица од економската состојба. Со едноставни зборови, ако стапката на вработеност оди надолу, мора да се зголемува стапката на лица што не се вработени, во образование или обука (NEET) или стапката на учество во образование (или и двете). Јасно е дека намалување на вработувањата кое се надоместува со зголемување во образованието, во принцип, е попожелно од зголемување на стапката на лицата што не се вработени, во образование или на обука (NEETs). Меѓутоа, во земјите од Западен Балкан, губењето работни места и зголемувањето на неактивноста генерално не се надоместува со враќање во образование, додаваат од МОТ.
На пример, во Црна Гора, четворица од пет млади луѓе кои го загубиле своето работно место станале неактивни, а не невработени, но, не се вратиле во образование. Стапката на лицата што не се вработени, во образование или обука (NEET) во економиите од земјите од Западен Балкан во 2020 година остана на нивото како пред кризата, иако во одредени случаи беше забележан пад од највисоката вредност во вториот квартал од 2020 година благодарение на мерките што беа спроведени.
Во Србија, еден од петмина млади припаѓа на категоријата NEET, но бројката може да биде еден на тројца во другите делови од регионот. МОТ ги повика владите да делуваат за да се спречи краткорочниот излез на младите од пазарот на трудот за да не се претвори во долгорочно исклучување на една генерација млади луѓе. Спроведувањето на гаранцијата за млади би можело да помогне да се избегнат долгорочните „лузни“, т.е. зголемување на веројатноста да се случува зголемување на случаите на губење на работни мета или неактивност, пониски плати и помала шанса младите да добијат добра и квалитетна работа.
МОТ е специјализирана техничка агенција што ги предводи активностите на системот на ОН за вработување и светот на работата. Ова партнерство со ЕК за поддршка за воспоставување на гаранцијата за млади во земјите од Западен Балкан се заснова на претходната Заедничка акција на ЕК/МОТ за Гаранцијата за млади насочена кон земјите членки од јужна Европа и придонесува кон постигнување на целите дефинирани во Економскиот и инвестициски план на ЕК за Западен Балкан (ЕИП) од октомври 2020 година.