Белгија е една од земјите со најстрога забрана за патувања, освен во случај на суштинска потреба, но Европската Комисија е загрижена поради оваа одлука која ја смета за недоволно пропорционална.

Портпаролот на Европската Комисија за правда, Кристијан Виганд, повтори денеска дека постои загриженост во оваа институција за белгиската одлука да се забранат несуштинските патувања.

– Бараме забраната за патување да го почитува принципот на пропорционалност, нашето барање останува дека треба да се воведат потаргетирани мерки, изјави Виганд.

Еврокомесарот за правда, Дидие Рејндерс е во контакт со белгиските власти за да се изнајде адаптирано решение, да се обезбеди слободното движење во ЕУ и функционирањето на внатрешниот пазар, додаде Виганд.

Европската Комисија бара од шест земји членки да ги прилагодат мерките за патување и слободно движење. Шесте земји веќе испратиле одговор до Европската Комисија и се работи на изнаоѓање решение.