Долгорочниот буџет на Европската Унија (ЕУ) би можел да се соочи со „значаен дефицит“ доколку земјите-членки не успеат да се договорат за нови даночни приходи, додека трошоците за сервисирање на заедничкиот европски долг продолжуваат да растат, предупреди Европскиот суд на ревизори (ЕСР).
„Важно е да се напомене дека околу 20 проценти од предложениот буџет од две милијарди евра зависи од нови извори на приходи кои сè уште не се одобрени“, изјави претседателот на Европскиот суд на ревизори Тони Марфи, објави „Репортер“.
Како што предупреди Марфи, доколку овие приходи не се реализираат, ЕУ би можела да се соочи со значителен буџетски дефицит, кој, како што беше посочено, би барал поголеми придонеси од земјите-членки или „намалување на вкупните буџетски амбиции“.
Проценката на Европскиот суд на ревизори беше објавена во време кога земјите-членки се длабоко поделени околу вкупната големина на буџетот на ЕУ и начинот на кој се финансира, додека се стремат да постигнат договор за буџетот за периодот од 2028 до 2034 година до крајот на годината.
Европската комисија претходно предупреди дека буџетот на ЕУ може да се намали за 40 проценти ако земјите-членки не успеат да постигнат договор за новите приходи на ЕУ, познати како „сопствени ресурси“, а во исто време одбијат да ги зголемат националните придонеси.
Во годишниот извештај за буџетот на ЕУ за 2025 година, Европскиот суд на ревизори наведе дека долгот на ЕУ на крајот од минатата година изнесувал 738,9 милијарди евра, во споредба со околу 600 милијарди евра една година претходно.
„Задолжувањето на ЕУ може да достигне една милијарда евра до 2027 година, а инструментот „Нова генерација ЕУ“ е еден од главните фактори“, се наведува во извештајот на Европскиот суд на ревизори.
Инструментот „Нова генерација ЕУ“, фонд за закрепнување вреден до 750 милијарди евра, кој беше лансиран за време на пандемијата ковид-19 за ублажување на нејзините економски последици, беше првиот случај кога ЕУ заеднички издаде долг од таков обем.
ЕУ треба да почне да го отплаќа долгот настанат за време на пандемијата, во период од 30 години, што завршува во 2058 година.
Предлогот на Европската комисија за идниот буџет на ЕУ од две милијарди евра предвидува 168 милијарди евра за периодот од 2028 до 2034 година за отплата на долгот и трошоците за негово сервисирање.
Европскиот суд на ревизори, исто така, посочи дека предлогот на Европската комисија дозволува „значајно ново задолжување“, вклучително и до 100 милијарди евра за поддршка на Украина и до 395 милијарди евра за инструментот за одговор на кризи.
