КОГА централната банка на ХОЛАНДИЈА потврди оваа недела дека преместила тони од своите национални резерви на злато од Северна Америка, таа рече дека ќе биде „подобро подготвена за сериозни кризи“.
Околу 86 тони од приближно 313 тони злато што ги чува Холандија во САД и Канада беа преместени во Лондон „поради зголемената геополитичка нестабилност“, соопшти банката. Целта е златото да се направи „лесно достапно за употреба во кризна ситуација“.
Се појавија прашањата. Зошто Холанѓаните го направија ова? Дали Холанѓаните очекуваат голем економски шок? Се чини дека не е предвидување на специфична криза, туку одговор на нестабилната и неизвесна состојба во светот. Трговските и воените конфликти ги поттикнаа земјите да преземат мерки на претпазливост и да ги чуваат своите резерви на злато поблиску до дома, објави Би-Би-Си.
Франција објави претходно оваа година дека ги вратила своите резерви на злато од САД. Во меѓувреме, германската Бундесбанка преместила повеќе од 216 тони злато од складишта во странство во текот на изминатите неколку години, вклучувајќи 111 тони од Њујорк и 105 тони од Париз.
„Не гледам никаква непосредна пропаст“
Таква стратегија е видена и претходно во време на глобална нестабилност. „Некои европски централни банки преместија дел од своите златни резерви во Њујорк за време на Студената војна“, велат аналитичарите на „Голдман Сакс“, Лина Томас и Даан Струјвен.
Џозеф Каватони, виш пазарен стратег во Светскиот совет за злато, изјави за Би-Би-Си дека војните и трговските тензии „влијаат на некои од овие одлуки“, но не се „на врвот на листата“ на мотивирачки фактори. Инфлацијата, каматните стапки и едноставното чување на златото на место каде што може брзо да се тргува, исто така, играат улога.
„Не мислам дека нè очекува судниот ден, но мислам дека луѓето стануваат пообразовани за тоа како да управуваат со резервните средства, како да ги зголемат своите резерви и како поефикасно да размислуваат за тоа како да го извлечат максимумот од тие средства“, рече Каватони.
Банката на Англија е популарна локација за складирање злато
Холандската централна банка „Де Холандска банка“ соопшти дека златото изнесено од САД и Канада помеѓу март и август оваа година сега е во трезорите на Банката на Англија.
„Очекуваме дека никогаш нема да мора да го користиме, но треба да ја зајакнеме нашата отпорност и подготвеност“, рече гувернерот на холандската централна банка, Олаф Слејпен.
Лондон беше избран за најдобра дестинација бидејќи е еден од најголемите трговски центри во светот. Ако сакате брзо да купите или продадете злато во криза, Лондон е местото каде што треба да го направите тоа, поради што Банката на Англија е популарна локација за негово складирање.
Банката на Англија е еден од најголемите чувари на злато во светот. Под 300-годишната институција во центарот на Лондон лежат околу 400.000 златни прачки во вредност од повеќе од 200 милијарди фунти.
Според истражувањето на индустријата од страна на Светскиот совет за злато, Банката на Англија останува најпопуларната локација за складирање злато, но централните банки сè повеќе диверзифицираат каде го чуваат скапоцениот метал. Прашањето каде да се складира златото на нивната земја „е сè повеќе фокус за менаџерите на резерви“, според Томас и Струјвен од Голдман Сакс.
Начин на преместување на резервите на злато
Во современиот свет, постојат неколку начини за преместување на златните резерви. Холанѓаните продале околу 59 тони злато во Њујорк, а потоа купиле дополнителни количини во Лондон, што значи дека не било неопходно физички да се транспортира таа количина преку Атлантикот. Но, повеќе од 27 тони злато биле „физички пренесени“ од САД и Канада во холандскиот град Цајст. Слична количина потоа беше испратена од Zeist во Лондон.
Компаниите кои вршат ваква работа не откриваат многу за тоа како се изведуваат операциите, но јасно е дека безбедносните мерки и планирањето се опсежни за да се избегне ризикот од сценариото „Грабнење на векот“.
Каватони од Светскиот совет за злато истакна дека еден вообичаен начин за преместување на златните резерви е да се продава злато на едно место и да се купува на друго место.
„Да речеме дека сакам да го имам златото во Њујорк, а тоа е во Лондон. Можам да го продадам во Лондон и да го купам во Њујорк, истиот ден и во исто време, и практично да направам трансфер на книга, без да морам физички да го преместувам“, објасни тој.
Чувањето злато во вашата земја има своја цена
Само неколку избрани компании се занимаваат со прекуграничен транспорт на злато. Еден од нив е Brink’s Global Services, кој за Би-Би-Си изјави дека забележал „зголемена побарувачка“ од клиенти како што се централните банки во последниве години.
„Зголемената геополитичка и економска несигурност, заедно со зголемената улога на златото како стратешко резервно средство, се чини дека придонесуваат за овој тренд“, рече Надер Антар, извршен потпретседател на Бринкс.
Причината зошто прашањето за складирање на злато е сè поважно за централните банки е фактот што тие се повеќе купуваат од него. Но, чувањето злато во сопствената земја има своја цена, истакнуваат Томас и Струјвен од Голдман Сакс. „Домашното складирање бара инвестиции во физичка безбедност, ревизорска инфраструктура и осигурување, а овие трошоци може да бидат непропорционални за помалите централни банки“, велат тие.
Според Светскиот совет за злато, централните банки акумулирале во просек 1.000 тони злато годишно во последните четири години, што е значително повисоко од просекот од 500 тони годишно во текот на претходната деценија.
Златото доживеа вистински бум
Овој тренд трае од светската финансиска криза, а се очекува да продолжи и дополнително да зајакне во текот на следната година. Златото доживеа вистински бум во последните години. Неговата цена силно порасна и достигна низа рекордни вредности, а во јануари надмина 5.000 долари за троја унца.
Постојат повеќе причини за растот на неговата вредност, но една од главните е перцепцијата на златото како таканаречено безбедно средство, односно инвестиција кон која инвеститорите се свртуваат во периоди на финансиски и геополитички потреси предизвикани од трговски и воени конфликти.
На популарноста на златото влијае и инфлацијата и каматните стапки. Поради ограниченото количество на овој метал и вредноста што луѓето му ја придаваат со илјадници години, златото е донекаде отпорно на растот на цените, па затоа се смета за добра инвестиција.
„Во текот на изминатиот половина век, цената на златото порасна значително побрзо од Индексот на потрошувачките цени (CPI), најтесно следеното мерило за инфлација“, според инвестициската банка Чарлс Шваб. Иако цената на златото падна од рекордните максимални достигнувања на почетокот на оваа година, сепак таа е на многу високо ниво историски.
Според прогнозите на истражувачите на Goldman Sachs, цената на златото до крајот на 2026 година би требало да достигне 4.900 долари за унца, што е за 300 долари повеќе отколку во август. Побарувачката на централните банки за злато е една од клучните причини зошто цените на благородниот метал силно растат, заклучуваат Томас и Струјвен.
