Фајненшл Тајмс: Трамп нема реален план за иднината на Иран
Британскиот весник Фајненшл тајмс во анализа оценува дека американскиот претседател Доналд Трамп влегол во конфликт со Иран без јасна стратегија за тоа што ќе следува по евентуалната промена на режимот. Според весникот, за разлика од инвазиите во Авганистан во 2001 и Ирак во 2003 година, кога САД планираа и копнена интервенција и транзиција на власта, актуелниот пристап кон Иран се потпира исклучиво на воздушни напади.
Во анализата се наведува дека убиството на ајатолахот Али Хамнеи и дел од иранското раководство го разнишало режимот, но не одговорило на прашањето што ќе се случува понатаму. Трамп јавно ја повика Иранската револуционерна гарда да го положи оружјето, а граѓаните да ја „преземат владата“, но без конкретен план како тоа би се реализирало.
Според Фајненшл тајмс, надежта дека елиминацијата на врвот на власта автоматски ќе доведе до спонтана транзиција кон нов политички систем е неизвесна и ризична. Весникот предупредува дека ваквиот пристап нема јасен преседан и може да создаде вакуум на моќ и хаос.
Анализа на однесувањето на Нетанјаху
Во анализата се посочува и улогата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој исто така ги повика Иранците да го соборат режимот. Сепак, се наведува дека за Израел клучна цел е неутрализирање на безбедносната закана, додека последиците од евентуален хаос во Иран би паднале врз поширокиот регион и врз САД.
Посебна загриженост, според анализата, постои во земјите од Персискиот Залив, како Обединети Арапски Емирати, Катар, Бахреин и Саудиска Арабија, кои се позиционираат како безбедни економски центри, но веќе се цел или жртва на ирански ракетни напади. Долготраен конфликт би можел сериозно да го наруши нивниот статус на стабилни и атрактивни пазари.
Фајненшл тајмс предупредува и на внатрешно-политички ризици за Трамп. За разлика од периодот по 11 септември, кога американската јавност масовно ги поддржа војните во Авганистан и Ирак, последните анкети покажуваат значително пониска поддршка за воена интервенција против Иран. Заклучокот на весникот е дека американската јавност можеби ги научила лекциите од минатите конфликти, но останува неизвесно дали тоа важи и за актуелната администрација.
