Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ објави дека ја затворил 2022 година со најголем приход откако е основан благодарение на вакцината и лековите против коронавирусот, а истовремено предупредува дека очекува послаб резултат оваа година поради олеснување на инфекциите и залихите.

 

Приходите на „Фајзер“ пораснаа за 23 отсто минатата година, на 100,3 милијарди долари. Со исклучок на вакцината против ковид и лекот „Пакскловид“, приходите на „Фајзер“ минатата година биле за два отсто повисоки отколку во 2021 година, кога е исклучено влијанието на девизните курсеви.

 

 

Приходите од вакцината против ковид и „Пакскловид“ изнесуваат 56,7 милијарди долари. Нето добивката е зголемена за 43 отсто, на 31,4 милијарди долари.

 

Во 2023 година, компанијата очекува значително помал приход, во опсег од 67 милијарди до 71 милијарди долари, бидејќи инфекцијата со коронавирусот забавува и многу земји создадоа залихи на вакцини и лекови. Со исклучок на вакцината и лекот, приходите на „Фајзер“ оваа година треба да се зголемат од седум до девет проценти, приспособени за промените во валутните стапки.

Извршниот директор Алберт Бурла рече дека 2023 година треба да биде преодна година за приходите од ковид на „Фајзер“, за кои компанијата проценува дека треба да се намали на 21,5 милијарди долари во 2023 година и повторно да се зголеми во 2024 година.