Фантомски фирми, односно Десет компании со фиктивни измами извлекле огромни суми од државниот буџет преку поврат на ДДВ, потврди Управата за јавни приходи (УЈП). Директорката на УЈП, Елена Петрова, изјави дека целата документација е предадена на Јавното обвинителство и Финансиската полиција, кои треба да преземат понатамошни чекори.
„Нашата работа е завршена, а сега се на потег истражните органи,“ изјави Петрова, истакнувајќи дека истрагата опфатила десетина компании и дека штетата за државниот буџет изнесува 4 милијарди денари (околу 65 милиони евра).
Фантомски фирми на листата на должници
Ова не е првпат овие компании да бидат спомнати во контекст на финансиски малверзации. УЈП лани ги објави на листата на должници, што значи дека тие веќе биле под радарот на институциите.
Претходно, дел од стопанството алармираше дека повратот на ДДВ се одложува, а фирмите се жалеле дека со месеци чекаат пари кои законски им следуваат. Сега станува јасно дека причината за доцнењата делумно се должи на засилените контроли, кои биле неопходни за да се спречат нови измами.
„Случаите се расчистуваат секојдневно, а контролите се многу поригорозни од порано за да се спречат нови злоупотреби,“ нагласи Петрова.
Повратот на ДДВ – приоритет, но со темелни проверки
И покрај ова, УЈП уверува дека нема системски застој во повратот на ДДВ. Досега, според Петрова, на сметките на граѓаните се исплатени 170 милиони денари, но дел од исплатите биле одложени поради неажурирани податоци кај одредени корисници.
„Постојано се прават проверки за да се осигураме дека средствата стигнуваат на вистинските сметки,“ додаде Петрова.
Во 2024 година, 35,6 милијарди денари (речиси 579 милиони евра) биле доспеани за поврат на ДДВ, од кои 34,4 милијарди денари (околу 559 милиони евра) веќе биле исплатени.
Континуирана борба против даночните измами
УЈП најавува дека ќе продолжи со засилени контроли, особено во делот на повратот на ДДВ, за да се спречат слични финансиски малверзации во иднина.
„Повратот на ДДВ е динамичен процес, секојдневно се вршат проверки и исправки, но се прават максимални напори парите навремено да стигнат кај компаниите кои имаат законско право на тоа,“ заклучи Петрова.
Истражните органи сега треба да утврдат кои биле крајните корисници на овие финансиски злоупотреби и дали ќе следуваат кривични постапки против одговорните лица.
Извор: Слободен Печат