„Исклучително е важно да обезбедиме трета доза од вакцината и сега работиме на тоа“, изјави Фаучи и додаде дека луѓето со слаб имунолошки систем не се доволно заштитени.
Иако на 4 август, Светската здравствена организација повика да се почека за третата доза вакцини до крајот на септември, некои земји веќе започнаа или најавија вакцинација со третата доза на некои од вакцините.
Русија започна имунизација во Москва на 1 јули поради делта сојот, кој е многу позаразен. Министерството за здравство на Русија препорача луѓето да се вакцинираат со третата доза шест месеци по примањето на втората доза од вакцината.
Во Израел, луѓето над 60 години можат да ја добијат третата доза од вакцината, рече премиерот Нафтали Бенет. Тој додаде дека условот е да бидат вакцинирани со втората доза пред најмалку пет месеци.
Експертите ја објаснија оваа одлука со наглиот пораст на бројот на заразени лица во Израел и загриженоста за делта сојот.
„Наодите покажуваат дека имунитетот на телото опаѓа со текот на времето. Целта на дополнителната доза е да се обнови и со тоа значително да се намалат шансите за пренесување на инфекцијата и посериозни форми на болеста“, рече премиерот Бенет. Тој додаде дека 2.000 луѓе со ослабен имунолошки систем веќе ја примиле третата доза без сериозни несакани ефекти ..
Националната здравствена служба на Велика Британија (NHS) со трета доза ќе ги вакцинира постарите од 50 години, најверојатно наесен.