Михаило Федоров не ја прифаќа понудата за друга државна функција и инсистира единствената позиција на која би се вратил е местото министер за одбрана на Украина. Поранешниот украински функционер смета дека во услови на војна токму оваа позиција му овозможува да ги продолжи започнатите реформи и активности во одбранбениот сектор.
Како што пренесува „Укринформ“, Федоров изјавил дека му е благодарен на претседателот Володимир Зеленски за понудените функции, но оценува дека само три позиции во државниот систем имаат клучно значење за водењето на војната – претседателот, министерот за одбрана и врховниот командант на вооружените сили.
„Не прифаќам ниту една друга функција освен местото министер за одбрана“, изјави Федоров.
Тој посочи дека ниту една друга државна позиција не располага со доволно овластувања за спроведување на мерки против корупцијата во јавните набавки, продолжување на реформите во армијата, подготовка и реализација на воени операции против непријателот, како и завршување на проектите започнати од неговиот тим во Министерството за одбрана.
Федоров потсети дека неговиот тим во јануари 2026 година, по покана на Зеленски, започнал работа во Министерството за одбрана со планот „AIR–LAND–ECONOMY“. Според него, целта на стратегијата била заштита на украинскиот воздушен простор, стабилизирање на линијата на фронтот и создавање економски притисок врз Русија.
„За првпат по повеќе години Украина почна да ја презема иницијативата. Нашите резултати создадоа можност Русија да биде принудена на мир со сила. Таа можност не смее да се пропушти“, рече Федоров.
Претседателот Зеленски претходно му ја понудил на Федоров функцијата потпретседател на Владата задолжен за воени иновации, но поранешниот министер не ја прифатил.
Во меѓувреме, од 16 јули во Киев и во други украински градови се одржуваат протести поради разрешувањето на Федоров од функцијата министер за одбрана.
