Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција од Гостивар упати серија прашања до надлежните институции во врска со, како што рече, навременоста на нивната реакција за време на актуелната здравствена криза, барајќи целосно разјаснување на околностите и утврдување на одговорност.
Филипче изјави дека јавноста има право да знае што се случувало во изминатиот период и дали можело порано да се спречи ширењето на проблемот.
„Зошто, кога се појавил зголемен број пациенти во болницата, не било истражено што е причината за тоа и не било реагирано порано? Зошто здравствените власти не направиле епидемиолошка анализа за да се утврди од каде потекнуваат симптомите?“, праша Филипче.
Тој побара објаснување и за контролата на водата, прашувајќи зошто, според него, таа не била анализирана секојдневно од Центарот за јавно здравје.
Филипче предупреди дека, доколку и понатаму се користи небезбедна вода, постои ризик од дополнителни здравствени последици, вклучително и труење со храна и појава на нови случаи на заболување.
Тој побара Министерството за здравство и другите надлежни институции јавно да ги објават резултатите од сите извршени анализи на водата и целосно да ја информираат јавноста за состојбата.
„Граѓаните мора да знаат каков е квалитетот на водата и какви се резултатите од контролите. Надлежните институции не смеат да молчат по овие прашања“, изјави Филипче.
Тој додаде дека посетата на СДСМ на Гостивар има цел да им помогне на најпогодените граѓани и да побара одговорност за, како што оцени, институционалните пропусти поврзани со здравствената криза.
