Претседателот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, изрази сочувство за загубените животи во трагедијата во Кочани, нагласувајќи дека ова е настан што оставил длабока трага во целата земја.
„Најискрено сочувство до семејствата на загинатите. Вчера бев на клиниката, се сретнав со дел од семејствата, разговарав со колегите и видов со каква посветеност лекарите се борат за секој живот. Сакам да ги уверам семејствата дека нивните најблиски се во добри раце“, изјави Филипче.
Тој апелираше до министерот за здравство да формира мобилни тимови за поддршка на семејствата во Кочани, нагласувајќи дека таквата помош е повеќе од неопходна.
Во однос на истрагата, Филипче потенцираше дека довербата во институциите е сериозно нарушена и дека само транспарентна и објективна истрага може да ја врати.
„Трагедијата е преголема за сенка на сомнеж. Не смее да има индиции дека некој ќе биде заштитен, без разлика дали станува збор за актуелни или поранешни службеници. Апелирам до обвинителството редовно да информира што точно се презема за да се спречат шпекулации“, изјави тој.
Филипче повика на единство без политички пресметки и нагласи дека неговата партија ќе ги поддржи сите иницијативи што ќе придонесат за расветлување на случајот.
„Трагедиите можат да уништат една нација или да ја зајакнат. Од нас зависи како ќе излеземе од ова – како држава што донела правда или како општество што дозволило ова да се заборави“, заклучи Филипче.