Министерот за правда Игор Филков во своето обраќање во Управниот суд посочи дека воведувањето на тонското и видеоснимање започнало уште во 2010 година, со Законот за парнична постапка и Законот за кривичната постапка.
„Денес, по изминат период од повеќе од 10 години, за жал може да констатираме дека судовите само делумно го користеле тонското снимање при водење на постапката и не успеале да спроведат целосна и доследна имплементација на законските решенија, ниту во граѓанската ниту пак во кривичната постапка, а евидентно од денешниов настан ниту во управната постапка. За жал, констатирани се и бројни примери и на уништена опрема за тонското снимање. Сето претходно е само мал дел за објаснување на што се должи перцепцијата и довербата на граѓаните во правосудството од само 2%“, рече Филков.
Министерот порача дека граѓаните се тие кои се најмногу засегнати во управната постапка.
„Опремата за тонско снимање во Управниот суд се инсталира денес. Да не губиме уште 14 години и да не чекаме пресуди од ЕСЧП кои ќе наложуваат да ги применуваме стандардите за фер судење. Ве охрабрувам да целиме и да инвестираме во модерното судство и за тоа да придонесеме сите заедно. Мојата гласна борба за независност на судството ќе биде преку обезбедување на процентот за независен судски буџет. Но, исто така, Ве мотивирам, секој од вас во секој предмет да успее да го користи тонското снимање и секоја друга алатка за да се овозможат стандардите на фер и правично судење. И на крај, ова е само мал придонес, би рекол, симболичен во започнување на реформите кои зависат и мора да започнат од нас самите. Со оглед дека веќе нема оправдување за непостоење на технологија за тонско снимање, со фактот што сите судови се опремени, убеден сум дека во наредните 15 дена системот ќе се применува насекаде“, истакна Филков.