Министерот за правда Игор Филков ја посети Казнено-поправната установа Идризово, по вчерашниот инцидент, кој се случи во затвореното одделение Амбуланта, каде беа повредени припадници на затворската полиција и затвореници.

Филков, како што информира Министерството за правда, во разговорот со директорот на затворот Зоран Јовановски, беше информиран за настанот, како и за проблемите со кои се соочува установата, пренатрупаноста, немањето соодветни просторни услови за сместување, недостигот на медицински персонал и лица задолжени за ресоцијализација.

– По извршениот претрес во одделението Амбуланта биле пронајдени 37 метални шипки, 21 дрвена рачка, 3 кабли, 12 шрафови, 15 ножеви, 4 шрафцигери, пластичен шприц со 2 игли, ножици, парчиња од скршено стакло и 3 полначи за мобилен телефон. При физичката пресметка предизвикана е поголема материјална штета, се вели во соопштението.

Во наредниот период потребно е да се донесат конкретни мерки за подобрување на состојбите и условите во затворите. Состојбата во затворите е алармантна. Ресоцијализација и рехабилитација со лоши услови во затворите не може да има, стои во соопштението.

Вчера во 13:10 часот во СВР Скопје од КПУ Затвор Идризово било пријавено дека околу 10:30 часот во затвореното амбулантно одделение во установата бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка меѓу повеќе осудени лица. Притоа со повреди се здобил Е.М.(26), додека С.Д.(43) и С.М.(29) се здобиле со повреди од остар предмет, по што биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување на лекарска помош.

МВР соопшти дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.