Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен изјави дека воведувањето ембарго на руската нафта, објавено претходно оваа недела, нема да биде лесно, но дека ЕУ „не може долгорочно да и префрла пари на Русија, со оглед на нејзините вредности“.

Таа истакна дека ЕУ мора да ја намали својата зависност од рускиот гас, додавајќи дека „Русија повеќе не е доверлив партнер“.

Лидерите на ЕУ најверојатно ќе разговараат за нов пакет санкции против Москва, кои треба да вклучуваат забрана за увоз на руска нафта.

Фон дер Лајен нагласи дека војната на Путин во Украина и „многу потребните санкции“ наметнати кон Русија од ЕУ претставуваат „еден вид економски тест“.

Таа додаде дека ЕУ е на страната на Украина. „Сакаме Украина да победи во оваа војна“, рече Фон дер Лајен.

Запрашана од новинарите според кои критериуми ќе се одлучи дали Украина победила во војната, таа одговори дека од Украина зависи како ќе преговара со Русија за да се постигне прекин на огнот.