Фон дер Лајен во среда пристигнува во Скопје

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја започна својата тридневна турнеја низ земјите од Западен Балкан, која денеска започна во Тирана, а ќе продолжи со посети во повеќе регионални престолнини. Според најавите, таа в среда попладне ќе пристигне и во Скопје.

Средби со државниот врв во Македонија

За време на престојот во Скопје, Фон дер Лајен ќе одржи средби со претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Разговорите ќе бидат насочени кон процесот на евроинтеграција и напредокот на Македонија во спроведувањето на европските реформи.

Порака за поддршка на евроинтеграциите

Претседателката на Европската комисија денеска престојува во Албанија, каде што се сретна со претседателот Бајрам Бегај и премиерот Еди Рама, како и со учесниците на Регионалниот инвестициски форум на ЕУ. Во рамките на турнејата, таа ќе ги посети и Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија и Косово.

Фон дер Лајен во среда пристигнува во Скопје. Од Европската комисија соопштија дека посетата има за цел да ја потврди силната поддршка на ЕУ за евроинтеграцијата на земјите од регионот, особено во контекст на новиот План за раст на Западен Балкан, кој предвидува постепен пристап на државите до Единствениот европски пазар.