Денес во ООУ „Лазо Ангеловски“ Аеродром успешно се реализираше форум театар посветен на темата врсничко насилство. Преку искрени емоции, силни пораки и активно учество, учениците покажаа дека имаат глас и храброст да се спротивстават на насилството.
Настанот отвори важни прашања, поттикна размислување и испрати јасна порака:
„Насилството не е решение – заедно градиме почит, разбирање и поддршка.“
Оваа активност претставува дел од активностите на училиштето насочени кон превенција на насилството и унапредување на позитивната училишна клима.
Преку драмска изведба и музичка придружба од училишниот оркестар се прикажаа реални ситуации од секојдневниот училиштен живот, со цел да се поттикнат емпатија, разбирање, толеранција и меѓусебна почит меѓу учениците.
Основна цел на оваа активност е намалување на појавата на насилство во училиштето, како и подигнување на свеста кај учениците за последиците од насилното однесување. Преку едукативен и креативен пристап, учениците се поттикнаа да препознаваат несоодветни однесувања, да реагираат соодветно и да придонесуваат кон создавање безбедна и поддржувачка училишна средина.
Проектот е реализиран од страна на учениците од Ученичкиот парламент, со активна поддршка и менторство од наставниците. Вклученоста на учениците во процесот на подготовка и изведба придонесува за развивање на нивните организациски, комуникациски и тимски вештини, како и за јакнење на чувството на одговорност и лидерство.
Со реализацијата на оваа активност, училиштето уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон промовирање на ненасилна комуникација, почитување на различностите и создавање здрава и безбедна образовна средина за сите ученици.
Со оглед на долгогодишната соработка и реализацијата на активности меѓу СВР Скопје – Одделение за превенција, Општина Аеродром и основните училишта, Одделението за превенција се вклучи индиректно во активноста со едукативни материјали.
Активноста е спроведена во рамките на проектот „Безбедна училишна средина“, чиј носител е Коалиција на младински организации СЕГА, во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование (МЦГО), Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации.



