Поранешниот македонски премиер Зоран Заев му посака добредојде во Струмица на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас.
Добредојде во Струмица за другарот Алексис Ципрас кој денеска ми е на гости во приватна посета. Се потсетуваме на нашите заеднички напори и придонеси кон мирот и стабилноста на Балканот и разговараме за предизвиците пред кои регионот е денес исправен. Особена чест ми е што пријателството меѓу Македонија и Грција и моето другарство со Алексис преминуваат во трајни и скапоцени вредности, напиша попладнево Заев на Фејсбук.
Дописничката на МИА од Атина денеска јави дека станува збор за еднодневна приватна посета.
Во периодот кога Заев и Ципрас беа премиери на двете земји беше потпишан Договорот од Преспа, а оттогаш одржуваат пријателски односи.
На Конгресот на СИРИЗА одржан минатата година, додека Ципрас беше претседател на партијата, присуствуваше и Заев кој им се обрати на членовите на партијата.