Извори за МИА велат дека неофицијално пожарот настанал откако некој од гостите покрај езерото со фрлена петарда се обидел да убие змија.
Од полицијата засега не ја потврдија информацијата, додадавајки дека ќе се произнесат со целосна информација околу точната причина за пожарот.
Во локализираниот пожар изгоре млада шума на површина од пет декари која се наоѓа веднаш до ѕидовите на комплексот Аурора, од каде јавно се заблагодарија за брзата интервенција на Територијалната противпожарна единица.
– Благодарност до сите одговорни и засегнати служби и граѓани кои спречија проширување на пожарот кој беснееше околу Беровското Езеро, непосредно до нашиот комплекс. Сите гости и персонал беа и остануваат безбедни, хотелот продолжува да функционира непречено, а шумата – богатството на овој регион останува заштитена. За вистинска катастрофа е потребно само мала негрижа, апелираме на одговорно однесување во претстојниот период, истакнаа од туристичкиот комплекс.
Апел за внимателно ракување со запалливи предмети и одговорно однесување во природа за време на празниците упатија и од ТППЕ Берово.