Инаку Шеваљ веќе подолго време е побегнат од Македонија, а неговата дилерска мрежа се уште оперира во земјава и вчера беа таргет на акција на полицијата за која обвинителката Вилма Русковска објави дека била пробиена од доушник кој ги известил нарко-дилерите. На Фотографијата која датира од лани, може да се забележат Макрадули и Шеваљ прегрнати.
Цела година двајца јавни обвинители заедно со истражители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ги следеле двете криминални групи чии членови вчера беа уапсени во голема полициска акција „Планина“ во Грчец и Гази Баба, соопшти денеска шефицата на ова обвинителство Вилма Русковска.
Во овој период, рече таа, собрани се доволно докази за нивната недозволена трговија со дрога – главно кокаин, преку низа специјални мерки – следење комуникации, тајно следење и снимање надвор од приватен имот.
-Засега нема доказ за поврзаност на двете групи туку ќе бидат процесуирани како два посебни предмети, рече Русковска.
Во Грчец извршен е претрес на 26 локации во село Грчец, приведени се 13 лица, од кои на 9 им е изречена мерка притвор, на тројца куќен притвор, и за едно лице мерка за претпазливност. Пет лица се недостапни, рече Русковска, додавајќи дека еден од приведените е малолетник и тој ќе биде процесуиран според соодветните закони.
Во Гази Баба, рече Русковска се извршени претреси на 9 локации, осум лица се приведени и во притвор, а едно е во бегство.
Од двете групи, одземени се 80.000 евра, повеќе од 300.000 денари, 500 франци, а од дрога – 5 килограми марихуана и 600-700 грама кокаин.
Русковска нагласи дека од почетокот на истрагата не очекувале дека ќе наидат на големи количества дрога иако членовите на групите се осомничени за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прокурсори“, сепак дрогата која ја препродавале ја складирале на безбедни локации.
-Најголем дел од парите и дрогата се пронајдени при претресите во Гази Баба, а само мал дел е пронајден и одземен во Грчец, рече обвинителката која се надева дека од одземените телефони ќе излезат докази за друго кривично дело.
Таа нагласи дека истрагата е пробиена, но нема информации за евентуална вмешаност на вработени во МВР во тоа.
-Петмината главни кои се во бегство и по кои се трага, ако беа фатени и им беа одземени телефоните ќе имавме повеќе докази, но ќе вложиме напор од електронските уреди кои се одземени да видиме дали има поврзаност со вработении во МВР или други институции и во сите случаи каде ќе се докаже тоа, инволвираните ќе бидат изведени пред лицето на правдата, децидна е Русковска.
Иако станува збор за масивна акција за сузбивање на наркодилерска мрежа, Русковска истакна дека жалење што се фатени само продавачите на дрога.
-Обвинителството има доволно докази за наркобосовите и се надевам дека наскоро ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата, рече Русковска.