Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски во Њујорк одржа неформална средба со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, на која биле разменети ставови за прашања од заеднички интерес и за натамошното унапредување на македонско-американските односи.

Мицкоски оцени дека разговорите имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави.

„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, наведува премиерот.

Во услови на актуелните геополитички предизвици, како што беше посочено, значењето на силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници е дополнително нагласено.

„Македонија има јасни државни интереси и продолжува достоинствено и принципиелно да ги застапува заедно со нашите стратешки партнери“, вели Мицкоски.

Воедно, беше нагласена определбата за продолжување на соработката со САД и создавање нови можности во рамки на стратешкото партнерство.

„Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, истакнува Мицкоски.