Министерот за здравство Венко Филипче денеска се сретна со семејството на Верица, младата девојка која трагично го загуби животот, а нејзиното семејство ги донираше органите и досега се спасени три животи.

-Со овој чин досега спасија три животи. Чест ми беше да ги запознаам овие луѓе чија големина и алтруизам оставаат без зборови. Во име на Владата и мое лично име им ветив дека ќе добијат целосна поддршка за решавање на проблемот со вработувањата кои ги имаат и уште еднаш им се заблагодарив од срце за нивниот несебичен гест, напиша вечерва Филипче на Фејсбук.

Органодарителството, како што напиша министерот за здравство, е највисок чин на хуманост, драго ми е што се повеќе граѓаните стануваат свесни за неговата важност.

Министерот Филипче денеска го посети и младиот Иле, кој неполни два дена по операцијата која му го спаси животот, полека заздравува на Клиниката за кардиохирургија.

-Бескрајно благодарен на тимот на лекари кои помогнаа да добие нова шанса за живот и пред се на семејството на младата девојка чие срце денес чука во неговите гради. Му посакувам што поскоро да закрепне и да се врати дома кај неговото семејство, напиша Филипче на Фејсбук.