Од Царинската управа денеска информираа дека била поднесена кривична пријава против косовскиот државјанин кој насилно ја преминал граничната линија откако бил фатен во обид да криумчари дрога.

„Косовскиот државјанин Р.Е. е лишен од слобода, откако на граничниот премин Блаце, при царинска контрола, насилно и противзаконски го преминал преминот со автомобил во кој криумчарел дрога, при што го довел во опасност животот на царинскиот службеник кој го запрел за детална контрола. Против него е поднесена кривична пријава поради основано сомнение за сторени кривични дела „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори”, како и за „спречување службено лице во вршење службено дејствие”, двете казниви според Кривичниот законик“, велат од Царинската управа.

Од таму посочија дека на 15 јули, во вечерните часови, царинските службеници на граничниот премин Блаце го застанале за царинска контрола сега приведениот Р.Е. Контролата била извршена од двајца царински службеници, при што лицето било повикано да го отвори багажникот на возилото за проверка.

„Во моментот кога осомничениот увидел дека еден од царинските службеници ја забележал кесата под совозачкото седиште и посегнал да ја провери, противзаконски влегол во возилото и насилно ја преминал граничната линија, повлекувајќи го царинскиот службеник кој се обидел да го сопре. Повикана е граничната полиција, која заедно со царинскиот службеник, по десетминутна потера, му го пресече патот и лицето е лишено од слобода. Осомничениот е предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги при Царинска управа, кое го презеде случајот и по спроведените истражни дејствија поднесе кривична пријава до ОЈО Скопје. Во текот на бегството, осомничениот, ја фрлил кесата со дрога која е пронајдена во близина на местото на приведувањето. По налог на јавен обвинител, дрогата е дадена на вештачење, при што е утврдено дека станува збор за опојна дрога марихуана со тежина од еден килограм“, објаснуваат од Царина за настанот.

Додаваат и дека кај осомничениот било пронајдено и ладно оружје.

„Царинскиот службеник кој насилно беше повлечен при обид да го спречи осомничениот во бегството се здоби со лесни телесни повреди. Двајцата царински службеници кои учествуваа во интервенцијата на граничниот премин Блаце, се пример за секојдневната храброст која вработените ја вложуваат во службата, со цел заштита на државата“, порачаа од Царинската управа.