Државната изборна комисија ги ажурираше своите податоци за претседателските кандидати каде во предност се ДУИ, Движењето ЗНАМ, Левица и ГРОМ. Во текот на изминативе три дена овие политички групации имаат собрано најмногу потписи од вкупно единаесеттемина подносители на кандидатури за претседател на државата.

Познати се бројките

Според официјалните податоци, најблизу до потребните 10.000 потписи е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи. Тој до вчеравечер, собрал 8.560 потписи, а му недостасуваат помалку од 1.500 потписи за да ја официјализира претседателската кандидатура.

Следен по број на собрани потписи е кандидатот на движењето „За наша Македонија“, Максим Димитриевски. Заклучно вчера до 20 часот кога е и пресекот на податоците на ДИК, собрал 5.923 потписи.

За кандидатка на Левица, Билјана Ванковска-Цветковска, се потпишале вкупно 4.478 лица. На четврто место е кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, со собрани 3.091 потписи.

Над илјада потписи во изминатите три дена добил и кандидатот на опозициските партии на Албанците, Арбен Таравари, односно вкупно 1.645.

Ниту 100 потписи засега немаат Зорица Цветковска и Ѓорги Манасков. За Томе Николовски ниту еден граѓанин не се потпишал.

Фото: Извор МРТ

Потпишувањето е без пробелми и застој

Потпишувањето на граѓаните за кандидатите за претседател се одвива тековно, без проблеми и застој. Одзивот на граѓаните е на задоволително ниво-информираат од подрачните одделенија на ДИК.

Крајниот рок е на „денот на жената“

Собирањето на потписите за претседателски кандидати и за пратеници завршува на 8-ми март на полноќ.

Извор: МРТ