Во просториите на Владата денеска премиерот Зоран Заев имаше средба и разговараше со пратеникот Кастриот Реџепи, информираат од Владата.
Премиерот Заев и пратеникот Реџепи уште еднаш ја потврдиле заедничката заложба за одржување и зајакнување на реформскиот и европскиот курс на земјата, како определба на огромното мнозинство граѓани на нашата земја.
-Заев и Реџепи низ разговорот потенцираа дека во последните години државата и народот направија големи чекори за обезбедување сигурна и безбедна иднина, при што изразија уверување дека народната волја за мирно и заедничко живеење во Македонија и натаму ќе биде изразена преку стабилно демократско мнозинство во Парламентот.
Двајцата соговорници се согласни дека односите меѓу Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во Македонија се братски, пријателски и другарски и дека сите политички чинители имаат и обврска и одговорност овие односи да ги негуваат и унапредуваат, се наведува во соопштението.
На средбата беа изнесени очекувања за конечно исполнување на ветувањата од страна на Европската Унија и за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија, со што би започнале преговорите за членство на нашата земја во ЕУ.